Речиси секоја новородена морска желка на плажите на Флорида претходниве три години била женка, што според научниците е резултат на растечките температури предизвикани од климатските промени кои премногу го загреваат песокот на дел од плажите.
Според Националната служба за океани, доколку јајцата на желките се инкубираат под 27 степени целзиусови, новородените желки ќе бидат мажјаци, а доколку јајцата се инкубираат на температура повисока од 31 степен, новороденчињата ќе бидат женки. Температурите кои варираат помеѓу овие два крајности резултираат во мешавина на мажјаци и женки помеѓу бебињата морски желки.
Научниците дополнително откриваат дека што потопол е песокот, толку повисока е и пропорцијата на морски желки кои се раѓаат како женки, пренесува Гардијан.
„Во време кога Земјата доживува климатски промени, зголемените температури можат да резултираат и во погрешни или дури смртоносни услови за инкубација, што влијае на желките и на други рептили како вид“, велат од Националната служба за океани.
Според Бете Зиркелбах, менаџерка на Болницата за желки во Флорида Ки, застрашувачки е што последните четири лета биле најтопли во историјата.
„Научниците кои ги проучуваат јајцата и новороденчињата на морските желки не најдоа ниту едно бебе мажјак, претходниве четири години се раѓаат само женки морски желки“, објаснува таа.
Нерамномерниот однос меѓу машки и женски морски желки предизвикува се` поголема загриженост кај научниците, кои се плашат дека нивната популација во иднина ќе биде спречена нормално да се развива.