Јутјуб објави дека на една недела го суспендира телевизискиот канал Скај Њуз Австралија поради лажни информации за Ковид-19.
Според видео-платформата до таквата одлука дошле по анализа на снимките кои ги објавила оваа телевизија која е во сопственост на медиумскиот магнат Руперт Мардок.
„Имаме јасна политика за дезинформациите со Ковид-19 за да го спречиме ширењето на лажни информации кои можат да нанесат штета на целиот свет“, наведуваат во соопштението од Јутјуб.
Со 1,86 милиони претплатници на Јутјуб, австралискиот канал на Скај Њуз го следат и луѓе кои се надвор од Австралија. Објавите во кои се доведуваат во прашање постоењето на пандемијата и ефикасноста на вакцините се споделуваат широко на социјалните мрежи.
Пред три дена овој канал објави колумна во која авторот, познат по противење на здравствените мерки, со погрдни зборови ја критикуваше одлуката на властите да се продолжи карантинот во Сиднеј.
Скај Њуз потврдија дека Јутјуб привремено ги блокирал, а портпаролот на телевизијата изјавил дека каналот „подджува дебати на разни теми и со разни гледишта, што е од клучно значење за демократијата“.
Јутјуб има три видови казни за прекршоци на нивните политики. Првата е еднонеделна суспензија, втората е суспензија на две недели поради повторување на прекршокот во рок од 90 дена, додека поледната е трајно бришење од платформата.
На почетокот од 2021 година суспендиран од платформата беше и поранешниот американски претседател, Доналд Трамп.