Владата соопштува дека поради појавата на шумски пожари се воведува забрана за движење во шума и шумско земјиште од 00:00 до 24:00 часот. Забраната започна да важи од вчера и ќе трае се до нејзино отповикување.
„Оваа забрана не важи за вработените во ЈП ‘Национални шуми’ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (Национални паркови, Парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл)“, соопшти Владата.
Од таму потенцираат дека за непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
„Исто така, се известуваат сите граѓани на Република Северна Македонија дека се забранува палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата, согласно член 23 од Законот за ловството и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита на шумски пожари“, велат од Влада.
За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице согласно член 79 од Законот за ловството. Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми“, субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (Национални паркови, Парк шуми, шуми со специјална намена, споменици на природата и сл) кои вршат дејност заштита, МВР, Шумска Полиција, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, државниот инспекторат за животна средина и други инспекторати со слична надлежност.
„Забраната не важи за движење во парк шумата Водно, Гази Баба како и за организирани тури на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена, Националните паркови и заштитените подрачја со посебна намена во Република Северна Македонија кои ќе бидат одобрени со дозволи од соодветните субјекти кои стопанисуваат / управуваат со шумите во придружба на преставник од истите“, се вели во соопштението на Владата.