Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против С. Македонија со која се осудува расното профилирање на Роми на граничните премини, а пресудата се однесува на петмина апликанти од ромска етничка припадност, застапени од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) од Брисел и приватни адвокати кои работат за Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
Од ЕЦПР истакнуваат дека на 24 октомври, Судот утврдил дискриминација на четворица од петмината Роми- апликанти и повреда на нивната слобода на движење, дополнувајќи дека Судот ја задолжил земјава, во рок од три месеци по донесувањето на пресудата, да им исплати оштета во различен износ врз основа на нематеријална штета, во вкупен износ од 13.000 евра.
„Кога слушнавме за пресудата бевме пресреќни бидејќи ова го чекавме со години. Може да се каже дека конечно добивме правда. Кога ја изгубивме тужбата пред домашните судови, изгубивме надеж дека ќе добиеме правда, но тогаш ЕЦПР ни кажа дека правдата можеме да бараме и пред Европскиот суд, и тоа се случи, денес ја добивме. Сакаме да им се заблагодариме на ЕЦПР за нивната посветеност и напорна работа и за помошта што ни ја дадоа во оваа работа“, изјавил Назми Абазов, еден од апликантите именувани во пресудата.
Од ЕЦПР велат дека во донесената пресуда апликантите се дел од лицата кои биле жртва на расно профилирање на граничните премини во 2014 година.
„Првата апликантка била спречена да ја напушти државата за да ја посети нејзината ќерка во Германија на Аеродромот во Скопје. Граничниот службеник ѝ рекол дека, бидејќи е Ромка, тој мисли дека таа ќе бара азил во Германија. И вториот апликант, на скопскиот аеродром, бил спречен да патува за Германија во посета на зетот. Третиот, четвртиот и петтиот апликант биле заедно спречени да ја напуштат земјата и да одат на свадбена прослава во Косово. Македонските гранични службеници на преминот Табановце им рекле дека нивната етничка припадност е причината зошто не им веруваат и дека тие одат да бараат азил во ЕУ“, велат адвокатите.
Апликантите поднеле граѓански тужби против македонското Министерството за внатрешни работи, наведувајќи дискриминација и повреда на нивното уставно право да ја напуштат сопствената држава. Иако домашните судови утврдиле повреда на некои од нивните права да патуваат надвор од земјата, не сметале дека постојат доволно докази за утврдување дискриминација. Поради тоа, апликантите побараа правда пред Европскиот суд за човекови права.
„Не може доволно да се истакне важноста на оваа пресуда. Во Република Северна Македонија, Ромите беа засегнати од расно профилирање речиси една деценија. Многумина почнаа да се прашуваат дали Европскиот суд воопшто ќе донесе пресуда за ова суштинско прашање. Оваа пресуда значи дека, за прв пат, судиите од Европскиот суд заземаат одлучен став за прашање коешто беше предолго игнорирано. Исто така, пресудата е сведоштво за истрајноста и одлучноста на ромската заедница во Република Северна Македонија која повеќе не сака да биде замолчена или обесправена“, изјави Сенада Сали, правната директорка на ЕЦПР.
Тужбите пред домашните судови биле поднесени со заедничка помош од Европскиот центар за правата на Ромите и Македонското здружение на млади правници.