14 граѓански организации и здруженија обединети во Платформата за ХИВ заедно со Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението ЕСЕ реагираат на предложениот буџет за здравство за идната 2023 година за кој сметаат дека може да направи непоправливи штети во јавното здравје.
Според нив, Владата предложила срамен и произволен буџет без никаква анализа и во нетранспарентна постапка, кој Собранието го усвојува без суштински интервенции.
„Во моменти на криза, Владата целосно го запоставува здравјето на граѓаните. Ваквата негрижа за многу наши блиски ќе биде прашање на живот или смрт. Притоа, станува збор за смртни случаи коишто може да се избегнат доколку се обезбеди соодветна превенција и современа терапија“, стои во реакцијата на граѓанските организации.
Тие посочуваат дека иако државниот буџет се зголемува 19%, буџетот на Министерството за здравство за догодина ќе биде намален за дури 586,5 милиони денари споредено со овогодишниот буџет.
„Во пракса ова значи дека се намалени средствата за програмите за превенција на кардиоваскуларни болести, за организирање и унапредување на крводарителството, за превентивна здравствена заштита, за задолжителна имунизација, за спречување на бруцелозата, за спречување на туберкулозата и за заштита од ХИВ-инфекција. Во делот на куративната здравствена заштита намалени се средствата за лекување на пациенти на дијализа и средствата за партиципација за различни ранливи категории граѓани. Иако, ранливите категории граѓани се најмногу на удар, сепак, од катастрофалните состојби во здравството, со целосно отсуство на визија и стратешки интервенции, засегнат е најголемиот дел од граѓаните. Пристапот до лекови и застарената позитивна листа, која не е ревидирана повеќе од 10 години, се само еден сегмент на проблемот. Правилникот за методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот Министерот за здравство сè уште нема донесено – иако тоа било законска обврска за Владата која требало да се случи уште во март 2020 година, согласно со Законот за здравственото осигурување. Кон тоа, Владата нема никаква стратегија за обезбедување на животоспасувачки и есенцијални лекови за своите граѓани – нешто по што се разликува од сите земји во Европската Унија и од речиси сите земји во регионот“, стои во соопштението.
Организациите посочуваат дека во делот на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција, Министерството за здравство и Владата целосно ги игнорираат официјалните препораки на домашните експерти, но и на Светската здравствена организација (СЗО).
„Како здруженија на пациенти и на други граѓани засегнати од ХИВ-инфекцијата, нè застрашува степенот на непрофесионалност со кој се определуваат буџети за сериозни здравствени и јавно-здравствени прашања во Министерството за здравство. Во оваа институција целосно отсуствува каква било јавно-здравствена експертиза при планирањето на буџетите и на здравствените политики и воопшто не се земаат предвид достапните научни докази“, вели Андреј Сених од Здружението за поддршка на пациентите со ХИВ – „Заедно посилни“.
Во реакцијата на организациите се наведува дека со кратењето на буџетот државата ја уништува веќе воспоставената инфраструктура за заштита на јавното здравје во делот на ХИВ, инјектирањето дроги, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции кај засегнати групи од населението. Повеќе илјади лица, кои се надвор од системот на здравствена заштита ќе останат без пристап до основни услуги што со години наназад ги овозможува граѓанскиот сектор преку националната програма за ХИВ.
„Неодговорниот однос на Министерството за здравство и Владата во 2022 година веќе резултираше со криза во обезбедување на лекови – за прв пат во 9 години – кога 350 пациенти со ХИВ стравуваа дека ќе останат без терапија. Проблемот беше надминат само благодарение на тоа што дел од пациентите успеаја да се снајдат и да обезбедат лекување во друга земја, заштедувајќи на тој начин дел од последните залихи на лекови за останатите пациенти. Во однос на епидемијата на ХИВ, Владата ги заборавила и своите меѓународно преземени обврски да осигури дека до 2025 година најмалку 95 % од луѓето што живеат со ХИВ ќе бидат дијагностицирани и ќе им биде овозможен пристап до антиретровирусна терапија. Математичките моделирања покажуваат дека од вкупниот број лица инфицирани со ХИВ во Северна Македонија, само околу 66 % се свесни за својата инфекција. Нашата земја не покажува напредок кај овој параметар уште од 2017 година, за разлика од трендовите на светско ниво, каде што се проценува дека во 2020 година 84% од вкупниот број лица со ХИВ веќе биле дијагностицирани“, се посочува во соопштението.