„Ви благодариме поете Беи Дао бидејќи вие на посреден начин ги бришете условните граници меѓу големите и малите литератури и култури, ставајќи го акцентот на спецификите и вредностите на секоја од нив. Вашите подадени раце се раце на разбирање, на дијалог, на соработка, на меѓусебно запознавање и зближување.“ Ова е дел од пораката која македонските писатели ја испратија до добитникот на наградата „Златен Венец“ на годинашните Струшки вечери на поезијата, кинескиот поет Беи Дао.
Денеска тој ќе биде прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.
„Во обраќањето по повод добивањето на високото признание за вашиот творешки опус, вие глобализацијата ја гледате како огромен континент, а спасот го препознавате во поезијата која, според вас, ги претставува островите што го зачувуваат својот дух. И велите дека „во оваа посебна смисла, јас навистина припаѓам на вашата страна“, се додава во пораката.
На средбата за творештвото на Беи Дао ќе зборуваат претседателот на ДПМ Веле Смилевски, претседателот на СВП Славе Ѓорѓо Димоски и директорот на манифестацијата Мите Стефовски, а стиховите ќе ги кажува артистот Роберт Вељановски.
Годинашниот лауреат, кинескиот поет Беи Дао е 50-ти јубилеен добитник на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата. За Македонија тој изјави дека ја гледа како мала земја со древна историја, која успеала да развива поетски фестивал повеќе од половина век со толкаво влијание во светската поезија.