Откако вчера Уставниот суд на Република Северна Македонија донесе одлука да го укине Законот за спречување и заштита од дискриминација, преку соопштение реагираа од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија од каде велат дека се разочарани од одлуката, додавајќи дека вината и одговорноста е во пратениците но и кај сите оние институции кои морале да знаат дека Законот е донесен спротивно на Уставот.
Во продолжение, нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
„Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, и покрај тоа што ја очекуваше, со големо разочарување ја прими веста за одлуката на Уставниот суд да го укине Законот за спречување и заштита од дискриминација, која беше донесена на седницата одржана на 14.5.2020 година. Оваа одлука на Уставниот суд доаѓа по иницијативата поднесена од страна на претходниот состав на Комисијата за заштита од дискриминација за оценка на уставноста и законитоста на Законот, бидејќи закон беше донесен без потребното мнозинство кое е уредено со член 75 од Уставот.
Вината и одговорноста за оваа одлука е во пратениците, особено владеачкото мнозинство кое предизборната кампања ја засноваше на градењето на едно општество за сите и ни ветуваше унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Одговорност имаат и Талат Џафери, Претседателот на Собранието и Стево Пендаровски, Претседателот на државата кои морале да знаат дека законот е донесен спротивно на Уставот.
Со новото законско решение за првпат експлицитно се забрани дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, со што требаше конечно да се овозможи поголема заштита и правно признавање на идентитетот на ЛГБТИ луѓето. Усвојувањето на овој закон беше резултат на нашата долгогодишна работа, неуморна посветеност и упорност, сè со цел да овозможиме подобар живот за ЛГБТИ луѓето, причина за гордост и надеж дека еден ден државата и сограѓаните ќе нè третираат како еднакви. Сепак, не сметаме дека нашите напори се залудни и покрај разочарувањето.
Пораката која ја испративте до ЛГБТИ луѓето, но и до другите групи на ранливи, различни, понижувани и обесправени граѓани како Ромите, сиромашните, политички неподобните, луѓето со попреченост, жените и работничките е дека нивните права и животи се неважни. Ние немаме политичка моќ, ние немаме пари, ние не можеме да ви донесеме гласови на избори, но не сметаме дека тоа е предуслов за да ни овозможите достоинствен живот кој ни го должите со самиот факт што постоиме.
Ефикасна и ефективна заштита од дискриминација како крајна цел треба да има зауздување на привилегиите стекнати спротивно на закон, а овозможување на еднаков пристап до човековите права за најмаргинализираните, како клучни ресурси во демократијата. Оттука, разбираме дека малку е веројатно одвашата привилегирана позиција да се ставите во нашите чевли и заедно со нас да работите на унапредување на нашите права, но, нашите права не се прашање на вашата емпатија и милостина, туку прашање на ваша обврска и должност.
Ние ќе продолжиме уште погласно да ве потсетуваме на вашите долгови и обврски. Нашата различност ни овозможи да развиеме мрежи на поддршка и безбедни простори во кои дел од нас можат да живеат слободно и достоинствено. Нашата маргинализација ни овозможи да се солидаризираме со сите обезправени заедници, а преку нашата борба да се залагаме за еманципација на целото општество.
Ги потсетуваме институциите дека и покрај укинувањето на законот имаат обврска да ги штитат ЛГБТИ луѓето од дискриминација и со нив да постапуваат достоинствено и еднакво. Сите ЛГБТИ луѓе ги повикуваме да се приклучат кон нашата борба за да ја зајакнеме нашата политичка моќ“, стои во соопштението на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, која обединува 20 организации.