Државните медиуми во Мјанмар денеска информираа дека поранешната премиерка Анг Сан Су Чи добила помилување од владејачката воена хунта во општа амнестија со која се опфатени 7.000 затвореници по повод почнувањето на будистичкиот пост.
„Шефот на Државниот административен совет ја помилува Анг Сан Су Чи, која беше осудена од надлежниот суд“, беше кажано во телевизискиот пренос.
Помилувањето ќе опфати пет од многуте дела за кои е обвинета добитничката на Нобелова награда за мир во 1991 година. Сан Су Чи се соочува со дополнителни 14 дела за кои има обвиненија.
Според агенцијата Ројтерс, таа ќе остане во притвор.
Сан Су Чи ја предводеше демократски избраната влада на Мјанмар пред воениот пуч во 2021 година. Оттогаш таа се наоѓа во притвор.
По пучот против неа беа покренати бројни обвиненија, за кои критичарите сметаат дека се политички мотивирани. Судот досега ја има осудено на вкупно 33 години затворска казна. Меѓу делата за кои Сан Су Чи одговара се обвиненија за корупција, поседување нелегални комуникациски направи и кршење на рестрикциите при пандемијата со Ковид-19.
78-годишната Сан Су Чи, според медиумските информации, во меѓувреме била префрлена од затвор во куќен притвор во главниот град Непјидо.
Поранешната лидерка на Мјанмар била видена само еднаш по извршениот пуч, и тоа на фотографии на државните медиуми направени во судница.