Поранешната париска берза ќе биде претворена во нов уметнички музеј

Францускиот милијардер и бизнисмен Франсоа Пино, во понеделникот објави дека планира да ја трансформира берзата од 19-ти век (Bourse de commerce) во Париз, во нов, модерен уметнички музеј.

Музејот ќе биде дом на неговата уметничка колекција вредна 1,25 милијарди долари. Пино, чија компанија за трговија со висока мода е сопственик на куќите како Ив Сен Лорен и Гучи, ќе ја реставрира зградата која му припаѓа на градот со свои пари, а за возврат ќе добие сопствеништво над неа во наредните 50 години.

Проектот, во кој јапонскиот архитект Тадао Андо ќе инсталира огромен бетонски цилиндар во средината на уникатната кружна зграда, е толку амбициозен, што Андо ветил дека ќе ја „одвее лошата политичка состојба во моментов, и ќе ги зацели раните на Брегзит“.

„Времињата во Европа се турбулентни – честите терористички напади и повлекувањето на Обединетото Кралство од ЕУ го зголемија стравот за тоа што носи иднината, а земјите и луѓето се чинат несигурни за своите идентитети“, вели Андо. Тој ветува дека „уметноста ќе донесе зацелување, а зградата ќе ја обнови надежта во иднината“.

 

Инаку, ова е една од најголемите трансформации на париска зграда. Берзата е уникатна кружна структура која се наоѓа во историски кварт, а некогаш служела како пазар за житарици. Се смета за една од најзначајните структури во градот, заедно со Нотр Дам поради уникатната архитектура.