Долга листа забелешки испорачаа државните ревизори за Буџетот 2021 на општина Тетово. Отсуство на транспарентност, неостварување на капитални расходи и даночни приходи, пишува Порталб.мк. Еве што нотираат ревизорите за финансиите на оваа општина која е една од најзадолжените во државата.
И приходите и расходите во “минус“ со реализација
Буџетот на општина Тетово ниту се заснова на реалните состојби и можности ниту пак на податоци за остварување на приходите и расходите изминатите години. И покрај тоа што во анализираната 2021 во три наврати се направиле измени и дополнувања на Буџетот ( ребаланс) – сепак општинските финансии останале неусогласени. Ревизорите посебно се осврнуваат на начинот на кој се полнела, празнела и планирала општинската каса, прашања кои се исклучително важни ако се знае дека оваа општина е една од најзадолжените во земјава.
Драматично големо неостварување има и кај приходите кај расходите во Буџетот, потфрлиле со околу 40%.
Реализација Буџет Процент на потфрлување
Приходи 5 973 306 евра -40,1%
Расходи 5 793 550 евра -41,91%
Во општинската каса на Тетово, состојбата е алармантна кај капиталните приходи кои биле реализирани само со 16,8%, но потфрлување има и кај даночните и неданочните приходи, нотираат ревизорите. Во анализираната 2021 та во касата на општината се слеале трансфери и дотации во износ од 2,2 милиони евра што е за 30% помалку од планираното.
Реализација на приходи
Капитални приходи -83,20%
Даночни приходи -25,01%
Неданочни приходи -14,28%
Големи отстапувања има и на буџетската расходна страна. Така во 2021 та биле потрошени скоро 5,8 милиони евра што претставува реализација од само 58,1 % во однос на планираните.
Ревизорот нотира “ Кај расходите позицијата Социјални бенефиции не е реализирана“ а драматично неостварување има кај капиталните расходи од дури 68,4%. Но затоа пак расходната ставка за плати и надоместоци за вработените е реализирана со 92,2%.
Реализација на расходи
Капитални расходи -68,41%
Стоки и услуги -38,63%
Субвенции и трансфери -38,14%
Плати и надоместоци -7,8%
Отсуство на транспарентност
Не само во делот на финансиското планирање, ревизорите забележуваат отсуство на транспарентност и во носење на буџетот но и туркање на одредени плански активности кои создавале ризик од преземање на обврски за кои немало средства.
“Не е обезбедена транспарентност во процесот на изготвување и донесување на буџетот за 2021 година преку организирање на јавни расправи, трибини, собири на граѓани. Нереалното планирање на буџетот е карактеристика и за донесените Програми за одделни дејности кои се во надлежност на општината, а кои и покрај неостварувањето на буџетот не се менуваат и не се намалува обемот на утврдените плански активности/ работи што создава ризик од преземање на обврски, иако нема реална можност за обезбедување на средства“ – наведуваат ревизорите.
Долга е листата на забелешки поврзани со општинската каса. Еве дел од нив:
-Спротивно на закон, Буџетот за 2021 не содржи “Развоен дел“ кој е важен бидејќи ги опфаќа програмите за развој на општината.
-Спротивно на закон, не се планирани средства на посебната буџетска програма за родова еднаквост, односно општината не го инкорпорира принципот на еднакви можности на жените и мажите, а Комисијата за еднакви можности на жените и ма
-На крајот на 2021 според сметководствената евиденција на општината има евидентирано неизмирени обврски за кои има извршни судски решенија во износ од 4,5 милиони евра
-Во период од шест месеци, континуирано секој месец со состојба на крајот на месецот, вкупниот износ на неизмирените обврски над 60 дена надминува 80% од реализираните приходи.
И покрај исполнетите законски услови, градоначалниците не донеле одлука за прогласување на финансиска нестабилност. Наместо тоа , ревизорите нотираат дека се создавале нови обврски.
Одговор од екс-градоначалничката Теута Арифи
Со потпис на тогашната градоначалничка Теута Арифи ревизорите добиле одговор-образложение но со коментар на само 4 позиции од ревизорските извештаи. Во поднесокот до ревизорите Арифи пишува дека тоа што нема коментар за сите забелешки не значи дека се согласува или не се согласува со нив, туку остава простор за оценки на стручни лица.
Во однос на тоа што ревизорите нотираат големо отстапување на буџетските приходи и расходи , тогашната градоначалничка вели:
“Општината од своето постоење до денес има отстапување во планираните приходи и расходи но таа разлика ние ја намалувавме и сметаме дека некаде околу 10 процентни поени успеавме да ја намалиме“.
Одговорноста за прогласување на финансиска несолвентност на општината, според екс градоначалничка била на Советот на општината.
“Одлуката за неликвидност или за прогласување на финансиска нестабилност е надлежност на Советот на општината, но тој и за да донесе таква одлука би требало да има јасни показатели“ – се наведува во одговорот и се посочува дека законот дозволувал во одредени околности општината да работи со блокирана сметка.
Интересно е дека тогашната градоначалничка вели дека сугестиите на ревизорскиот извештај ги дава по “сеќавање“ бидејќи повеќе не е во општината и немала пристап до евиденцијата која се наоѓала во општинската зграда. За ревизорите овој дел од одговорот го сметаат за известување и образложение.
Во наредната Анализа “Порталб“ ќе се осврне и на наодите поврзани со општинските долгови и градежните дозволи.