„Портали“ и „Калеидоскоп“ – Изложба на македонски илустратори во КИЦ и МКЦ

Со изложбата „ПОРТАЛИ 2021“ , во Галеријата на КИЦ,  Музеј на Град Скопје и Град Скопје, во недела, 21 март, ја започнуваат  манифестацијата Европски ден за уметничка креативност од проектот CreArt (NetworkofCitiesforArtisticCreation) во која од 2017 Град Скопје е еден од 11-те вмрежени градови од Европа.

Проектот е ко-финансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија. Целокупната програма за манифестацијата се состои од следните настани:

21.03.2021- Галерија КИЦ

  • Изложба „ПОРТАЛИ 2021“
  • Дебата- „Илустрација или фрустрација-која е македонската стрип приказна?“

Модератор: Лазе Трипков

5.04.2021- Калеидоскоп 2021-Галерија МКЦ

  • Изложба на илустрации „ПОМЕЃУ СОНОТ И ЗБОРОТ“ Наташа Андонова

6.04.2021- Галерија МКЦ

  • Детска стрип работилница

Модератор –Владимир Благојевиќ

„Ковид состојбата во светот, во текот на изминатата 2020 година, акцентираше нови состојби како во севкупното живеење, така и во креативните уметности. Токму базичната идеја на концептот за Портали, да се презентира диверзитетниот свет на уметноста ја наметна темата за значењето и местото во секојдневниот живот на илустрацијата како базичен дел од многу други арт продукти-почнувајки од детска публицистика до стрип и современите дигитални видео изданија-продукти кон кои во изминатите месеци на различни периоди на изолации во домот, се  повеќе се наметнуваше потребата  да го окупираме нашето слободно време токму со овој вид на четива“, најавуваат организаторите.

Оттаму посочуваат дека последниве десетина години никнале повеќе независни издавачки куќи кои ентузијастички се впуштиле во продукција на детски книги и сликовници, па така одеднаш се појавиле млади и талентирани уметници кои донеле свежина во македонската илустрација.

 

„Оваа изложба нема за цел да понуди комплетен историски пресек на македонската илустрација туку да презентира неколку генерациски различни македонски автор(к)и кои негуваат специфичен ликовен израз. Преку делата на Ботев Атанас, Благојевиќ Владимир, Велковски Филип, Димитриевски Михајло, Николова Јасна и Симоска Сања, откриваме само мал дел од богатството на млади автори кое во моментот активно се занимаваат со оваа уметничка гранка. Било да се работи за стрип, арт концепт за видео игри, детска илустрација или графички дизајн, заедничко за сите нив е огромната љубов и посветеност кон оваа исклучително тешка ликовна дисциплина“, додаваат тие.

Организаторите најавуваат дека сите настани ќе бидат одржани согласно актуелните мерки за заштита од Ковид.