„Портрети од темната комора“ – изложба на фотографии од Зденко Петровски утре во КИЦ

Во Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје, Салон Империјал 2, утре (13 септември) од 19:30 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Портрети од темната комора“ на фотографот и хроничар Зденко Петровски.

„Оваа изложба на Зденко Петровски е прошетка низ едно време, раст низ еден живот или развој на едно општество. Изложбата е сведоштво на лицата од последните три децении на минатиот век каде што можат да се читаат и младоста и урбаноста, и пркосот и стравот, и создавањето и распадот, и животот и смртта која се доближува. Фотографот Зденко Петровски го испишува или го архивира движењето на ликови низ времето, на времето низ просторот, од почетокот на детството па сѐ до крајот. Тоа играње на уметникот со хронотопот низ овие триесет аналогни портрети ни дозволува да запознаеме или да се потсетиме на триесетте години на генерации кои сега со носталгија зборуваат за своето време. Поставката е потсетување на времињата во кои не живееме“, се вели во рецензијата Андреј Медиќ Лазаревски за изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 30 септември.