Посебна единица при МВР и подигнување на свеста во судството за еколошкиот криминал, побараа експерти

Примената на форензиката при кривични дела врз дивиот свет е клучен сегмент за успешна разрешница од страна на полицијата и правосудните органи. Но, подеднакво важни се и брзото постапување и ефикасната меѓуинституционална соработка, бидејќи доказите во овие случаи се изложени на надворешни влијанија и може да станат неупотребливи, е еден од заклучоците на минатонеделната работилница организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД) и Здружението на јавните обвинители, со поддршка од Академијата за судии и јавни обвинители.

Работилницата за вештачење при криминал врз дивиот свет се одржа во зградата на Основното јавно обвинителство, а притоа учествуваа јавни обвинители, инспектори, еколози и разни претставници од институции.

Заклучоците се дека е потребна посебна единица за сузбивање на еколошкиот криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР). Понатаму, подигнување на свеста на правосудството за еколошкиот криминал како и воведување на специјализирани јавни обвинители за животна средина, исто така, да се усвојат национални стандарди оперативни процедури за различни кривични дела врз дивиот свет, а воедно, потребно е и зајакнување на бројот и стручноста на кадрите кај инспекциските служби.

„Забележуваме извесни недоречености кога станува збор за постапувањето по кривични дела врз дивиот свет. Се чини дека надлежните си ги познаваат сопствените ингеренции, но она што недостасува е пошироката слика – како секоја институција да делува искоординирано без да се наруши или отежни текот на постапката. Во таа смисла, сакаме да ја зајакнеме меѓуинституционалната соработка и да креираме однос каде нема да има префрлување на топката, туку сплотеност при решавањето на случаите. За тоа претстои уште работа, но радува ентузијазмот и интересот од сите институции. Сметам дека нештата се движат во вистинска насока, а полека се менува и ставот кај надлежните за сериозноста на овие кривични дела“, вели Александар Павлов од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Фото: МЕД

Според обвинителката Спасенка Андонова, потпретседателка на Здружението на јавните обвинители, кога станува збор за сомнение на кривично дело против дивиот свет, квалитетното и навремено вештачење е најклучниот сегмент во кривичната пријава која што ќе се поднесе до надлежниот Јавен обвинител.

„Мило ни е дека како Здружение имаме можност да организираме, заедно со Македонско еколошко друштво и Академијата, практични и интерактивни работилници на оваа тема“, изјави таа.

По настанот, од Академијата велат дека соработката со Здружението на Јавните обвинители на РСМ и Академијата е особено важна и се планира да се продлабочи во иднината. Детектирана е потребата од обуки на оваа тема, и во моментов се работи на ревидирање на програмите за почетна и континуирана едукација.

„Целта е овие едукативни работилница да бидат дел од редовниот Каталог за обуки и распоред на часови на слушателите на почетната обука во рамки на теоретска настава“, велат од МЕД.

Настанот беше одржан во склоп на проектот Балкан детокс LIFE и Програмата за закрепнување на балканскиот рис.