Посетите на паркови, градини и слични зелени јавни површини може да го намали користењето на лекови за стрес, несоница, депресија, висок крвен притисок и астма, покажува нов извештај.
„Гардијан“ пренесува дека фински истражувачи докажале дека посетувањето на јавни површини три до четири пати неделно може да го намали користењето на лекови поради своето ментално здравје, но и други здравствени проблеми како висок крвен притисок и астма.
Истовремено, позитивните ефекти од посетувањето на зелени површини биле посилни кај оние кои пријавиле пониски заработки, истакнале истражувачите.
Според наодите, недостатокот на зелени површини е поврзано со низа здравствени проблеми. Пристапот до зелени површини може да биде нееднаков, бидејќи посиромашните заедници имаат помалку услови често да посетуваат зелени површини.
За да ја докажат поврзаноста, истражувачите од финскиот Институт за здравје и благосостојба испитале 16.000 случано избрани жители на Хелсинки, Еспо и Ванта – три фински градови кои го сочинуваат најголемиот населен регион во државата.
Истражувањето собрало податоци за жителите на најмалку 25 години кои живееле во близина на зелени и сини површини на 1 километар од нивните домови. Зелените површини вклучувале шуми, градини, паркови, гробишта, зоолошки и природни убавини, додека сините површини вклучуваат мориња, езера и реки.
Од испитаниците било побарано да ја пријават нивната употреба на препишани лекови за анксиозност, несоница и депресија, како и за висок крвен притисок и астма. Потоа биле прашани колку често поминуваат време или вежбаат на отворено во зелени површини.