Последен ден за пријавување на Саемот за современа уметност Паратисима Скопје

Отоврениот повик за учесници на Интернационалниот саем на современа уметност Паратисима Скопје, се затвора денес на полноќ. Повикот е отворен за сите заинтересирани и не предвидува селекција за учество.

Саемот по четврти пат ќе се одржи од 15-17 јуни во Младинскиот културен центар.

Директен линк до апликацијата.

Секој може да аплицира: не постои селекција за учество; сите автори од сите земји можат да учествуваат, независно од форматот кој тие го користат за изразување. Секој автор има апсолутна автономија при изборот, техниката и презентацијата на своето дело.

Учесниците и нивните дела ќе бидат изложени во Младинскиот културен центар, Скопје со помош и координација од кураторот на Паратисима Скопје.

Поканата е отворена за сите академски уметници, автори во подем и работници во полето на креативноста и ги охрабрува сите заинтересирани да експериментираат и да ги трансформираат конвенционалните граници во изразот и уметничкото дело.

„Ако си визуелен уметник, архитект, фотограф, дизајнер, моден дизајнер, режисер, или пак би сакал/а да се претставиш со перформанс, мултимедијален проект или било кој друг уметнички или креативен формат, Паратисима Скопје те поканува да го споделиш своето дело со нова и широка публика“.

Тричлено жири на Паратисима Скопје и оваа година ќе направи селекција на автори кои ќе бидат наградени со разни можности за професионален развој во Македонија и надвор од границите на државата.

 Kураторот на ликовната поставка на Паратисима Скопје 2017 е Мира Гаќина, a поставката за мода и дизајн ќе ја курира Драган Христов (Лудус).

Во изминатите три години Паратисима Скопје брои над 300 независни учесници со потекло од 32 земји учесници и 30 специјални проекти на кои учествувале ликовни академии, галерии, колективи и организации кои се активни на културно-уметничката сцена. Заклучно со третото издание, наградени се 33 автори со остварено учество на настанот Паратисима Торино во Италија, а во соработка со локални галерии од Македонија (Галерија Флукс, Агенција за сериозни интереси, Концепт 37) доделени се 8 независни авторски изложби.