Последни подготовки за „Загребдокс“

Приближно 150 филмови во 16 програми се во конкуренција на единаесеттото издание на Меѓународниот фестивал на документарен филм „Загребдокс“ кој ќе се одржи од 22 февруари до 1 март.

Филмови во Меѓународната и регионалната натпреварувачка конкуренција, биографски документарци, Музички глобус, контроверзни документарци, мајстори на документаристиката, филмови за тинејџери се дел од богатата програма на еден од најпосетуваните филмски фестивали во Хрватска.

„Загребдокс“ во изминатите десет години го посетиле над 200.000 гледачи, а на околу 2.000 проекции прикажани се повеќе од 1.500 филмови. Годинава новитет се и програмите Трилер докс, Блисток и ZagrebDoXXL, како и ретроспективата на хрватски музички документарци.

Меѓу поатрактивните наслови се актуелниот кандидат за оскар, американскиот „Вирунга“, победникот на ДОК Лајпциг „Правила на играта“ од Франција, потоа „Бессони во Њујорк“, холандскиот „Бродолом“ и др.
Од регионот ќе бидат прикажани филмови од Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Словенија, а голем дел од хрватските документарци ќе имаат своја премиера. Од Македонија годинава нема ниту еден филм.

Минататa година имавме тројца наши претстaвници – Марија Џиџева со „Барајќи ја среќата“, Игор Иванов-Изи со „Верувам во љубовта“ и Петра Селишкар со „Мама Европа“, копродукција меѓу Македонија, Словенија и Хрватска.

Повеќе детали за фестивалот може да се погледнат на zagrebdox.net.

Е.Д.