Откако останал недовршен со децении, познатиот и недовршен филм на славниот режисер и актер Орсон Велс, „Другата страна на ветерот“ (The Other Side of the Wind), ќе биде откупен и довршен од Нетфликс.
Орсон Велс, легендарниот режисер и автор на ремек-делата како „Граѓанинот Кејн“, „Допир на злото“ и „Дамата од Шангај“, почина во 1985 година пред да успее да го доврши својот последен филм. Со децении се правеа напори и обиди за филмот да се заврши, а сега конечно е „откопан“ и има датум за објавување од студиото на Нетфликс.
Велс го снимил и режирал „Другата страна на ветерот“ во 70-тите, но финансиски и законски пречки го спречиле да го заврши. Вкупно 1083 тркала снимен материјал за делото, кое е полуавтобиографска приказна за стар режисер кој се мачи да направи камбек во нова ера на Холивуд, стоел во француска филмска лабораторија со децении.
„Како и за многу други кои пораснале обожувајќи ја вештината и визијата на Орсон Велс, ова е остварување на еден сон за мене“, изјави директорот за избор на содржини на Нетфликс, Тед Сарандос.
„Да се добие можност да се донесе на свет ова незавршено дело на Велс со неговата вистинска артистичка визија недопрена, е голема гордост за мене и за Нетфликс“.
Пред Велс да почине, наводно побарал од режисерот Питер Богданович, кој исто така глуми во филмот, да се осигура дека ќе биде продуциран. Богданович сега ќе биде консултатор за последните доработки на филмот, кој е во продукција на Френк Маршал и Филип Џен Римза, кои ги откупиле неговите права од ќерките на Велс. Тројцата се обиделе да соберат доволно пари и да ги решат проблемите со дистрибуцијата за многу години нанапред. Откако преговарале со Нетфликс околу една и пол година, конечно дошле до договор.
„Не можам да верувам, но после 40 години обидување, многу сум благодарен за страста и трпеливоста на Нетфликс кои ни овозможија, конечно, да започнеме со пост-продукција и да го завршиме последниот филм на Орсон“, изјави Маршал, кој бил и дел од оригиналниот тим најмен од Велс да работи на филмот.