Денеска на оградата на универзитетскиот кампус „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) се постави изложбата „Со заеднички елан: од игри до дипломатија“ чија цел е да се истакнат заедничките вложувања за мир во политиката и спортот на, како што се вели, некои од најзначајните светски дипломати кои биле дел од Олимписките игри низ годините.
„Тие испраќаат јасни пораки за мир, за почитување на правата на човекот, за еднаквост и за солидарност“, се вели во соопштението.
Изложбата се прикажува низ повеќе земји во светот, а ја постави Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје во соработка со УКИМ.
„Со заеднички елан: од игри до дипломатија“ ја отворија Иго Бештел, советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција и директор на Францускиот институт во Скопје, и Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка при УКИМ во Скопје, во присуство на професорите по француски јазик при Филолошкиот фактитет „Блаже Конески“.
„Тие разговараа за универзитетската соработка помеѓу македонските и француските универзитети, а потоа ја разгледаа изложбата, која е поставена во чест на Олимписките и Параолимписките игри, кои летово се одржаа во Париз“, информираат оттаму.
Изложбата ќе биде поставена на УКИМ до крајот на годината.