Потпишан договорот за реконструкција на „Куќа на џезот“ во која ќе биде сместен Џез оркестарот

Нови  475 квадратни метри денеска започнаа да се реконструираат со цел таму да се вдоми „Куќата на џезот“, односно домот на Националната установа – Џез оркестар.

Почетокот на реконструкцијата се официјализираше со Договорот за реконструкција и адаптација на просторот.

Договорот го потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и Фатих Кан, директор на „Тав Констракшн“ во земјава.

Од Министерството за култура посочуваат дека потпишувањето на Договорот е последниот чекор во подготовките за непречено започнување на градежните работи на домот на Националната установа Џез-оркестар.

„И овој објект, по својата опременост, мора да биде според светски стандарди, а изведбата на беспрекорно ниво. Затоа на сите чекори досега се работеше внимателно и темелно, не само поради специфичноста на ‘куќата на џезот’ туку и поради фактот дека културата не смее да си дозволи уште еден објект чие реконструирање и адаптација ќе траат кратко време, а потоа неговото одржување да биде агонично и прескапо. Такви објекти наследивме. И доста е“, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа посочи дека по Владината одлука, обезбедени се 10 милиони денари, средства од ТАВ-програмата, за целосно реновирање на просторот во „дом на џезот“.