Град Скопје, Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска потпишаа Договор за заем за проектот за т.н. „трамвај на тркала“, односно БРТ систем за брз автобуски превоз во Скопје. Со ваквиот заем од 70 милиони евра, градските власти најавуваат дека и официјално почнува неговата изведбата.
Најдоцна до крајот на 2024 година треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија би се пуштила во употреба во 2025 година.
Градоначалникот Петре Шилегов рече дека Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем. Со ова, вели тој, Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот.
„Подигнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје“, рече денеска Шилегов.
Тој објасни дека екипи на Градот Скопје и на ЈСП досега работеа на подготовка на техничката документација за овој систем.
„Идејното сообраќајно решение е веќе изработено од експерти од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и тоа ќе претставува основа за тендерската документација за набавката која очекувам да ја почнеме во текот на ова лето. Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода“, потенцираше тој.
Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче треба да биде со должина од 12,81 километар во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминала, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче.
„Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 луѓе на ден. Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на секои 3-4 минути. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути“, рече Шилегов.
Автобусите од БРТ системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, а целиот систем е поставен така што во иднина ќе може да прими и 24 метарски возила.
„Важно е да се нагласи дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект, се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, во која Скопје е член од 2019 година. Притоа, станува збор за еден од клучните проекти кои се дел од Акцискиот план за зелен град кој го подготвивме со помош на ЕБРД“, рече Шилегов.
За министерот за финансии, Фатмир Бесими, вакви иницијативи за создавање зелена, поинклузивна и одржлива економија се совпаѓаат со економското заздравување од Ковид-кризата, а придобивките за нашата економија се повеќекратни.
„За реализација на овој проект Европската банка за обнова и развој ќе додели заем од 70 милиони евра, во две транши – во првата транша во износ од 47,6 милиони евра за финансирање на линијата 1 и втора транша во износ од 22,4 милиони евра за финансирање на линијата 2. Рокот за отплата на првата и втората транша е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од Еурибор плус 1 посто. Покрај заемот, ЕБОР ќе додели и грант за техничка поддршка на Градот Скопје и на Министерството за транспорт за имплементација на целиот проект“, рече Бесими.
Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, доделените средства од овој заем ќе се користат за проектирање и изградба на патните коридори, за реконструкција на булеварите во градот, за изградба на автобуските постојки, две депоа вклучувајќи и административна зграда, како и за набавка на нови нископодни автобуси.
Директорот Анди Аранитаси, пак, рече дека ЕБОР и Градот Скопје ја започнаа партнерската соработка во 2019 година кога банката го прифати Градот Скопје во нејзиното семејство зелени градови кое во моментов брои 45 града од 23 земји.
„Од 2019 година, ова е третиот проект кој ЕБОР го финансира во Скопје, по проектот за набавка на новите автобуси на компресиран гас и изградбата на пречистителна станица за отпадна вода која се очекува да почне со реализација следната година“, рече Аранитаси.
Фото: Град Скопје