Претседателот на собранието Талат Џафери, во својство на овластено лице од основачот на Универзитетот, односно Собранието на Република Македонија и претседателот на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, професорот Ангел Ристов го потпишаа колективниот поединечен договор на УКИМ.
Од таму велат дека со договорот се уредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавачот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје кои произлегуваат од работниот однос.
Потпишувањето на колективниот договор е резултат на повеќе од двегодишна борба и заложби на Синдикатот за подобрување на материјалната состојба на наставниот и ненаставниот кадар на УКИМ.
„Се прифатија заложбите врз основа на кои во 2024 и 2025 година ќе дојде до значително покачување на платите на вработените во Универзитетот со што ќе се придонесе за поквалитетен развој на науката и на високото образование, сѐ во интерес на студентите и државата“, се вели во соопштението.
Ова е прв пат да се потпише ваков договор помеѓу УКИМ и Собранието.