Потребата од поширок институционален ангажман со цел утврдување на стратегиските цели во функционирањето и развојот на медиумската сфера, утврдување краткорочни и долгорочни мерки за помош на опстанокот и развојот на регионалните, локалните медиуми, непрофитните и медиумите од помалите заедници, како и потребата од воведување субвенции за различни видови медиуми и платформи кои тешко опстојуваат на пазарот, беа некои од темите на конференцијата „Стратегија за развој на медиумската сфера – потреби, предизвици, чинители“, што вчера ја организираше МИМ во соработка со Мировниот Институт од Љубљана.
Повеќе сопственици и директори на медиуми, новинари, претставници од граѓанското општество, од домашни и меѓународни институции дискутираа за иднината на аудиовизуелната медиумска индустрија и за стратегискиот развој на медиумската сфера во Македонија.
На отворањето на настанот се обрати претставничката на Делегација на ЕУ во Скопје, Сања Фрковиќ-Гелевска, која истакна дека слободата на изразувањето и независните медиуми се меѓу клучните вредности на ЕУ.
„Тие не треба да се само дел од законодавството, туку мора да живеат во пракса. Ова изискува артикулирано и доследно однесување на сите чинители, било да се тоа медиумските соопственици, уредниците, новинарите, регулаторните тела, законодавците, судската власт, политичките партии и граѓаните. Премисите од кои тргнува нашето размислување во креирањето на политиките, вклучително и во медиумскиот сектор, мора да ги вклучува овие вредности, со сета комплексност на контекстот“, рече таа.
На настанот беше претставена публикација со авторски текстови на седуммина сопственици и директори на национални и регионални телевизии, во која тие зборуваат за нивната визија за медиумската индустрија и бизнисот во наредните години, за тоа што очекуваат од државата и регулаторот во насока на подобрување на околината и на условите во кои работат, дали е возможно да функционираат слободно на медиумскиот пазар без релации со политичките и со бизнис-центрите на моќ, како и за тоа што значи јавниот интерес за нив.
Во однос на стратегискиот развој на медиумската сфера, Бранкица Петковиќ од Мировниот институт од Љубљана истакна дека повеќе земји од регионот – Хрватска, Словенија, Србија и Црна Гора, подготвувале медиумски стратегии, што кај нив било во надлежност на министерствата за култура.
„Процесот треба да се води институционално и во него пред сè треба да бидат вклучени претставници на државните институции, кои се стручни и имаат познавања и искуство во сферата на медиумската политика,“ додава Петковиќ.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, информираше дека во тек е подготовка на стратегија која повеќе ќе биде фокусирана на работењето на регулаторот во периодот 2018-2022. Сепак, истакна дека за нив претходно претставувало проблем што во законите не било утврдено кој треба да ги усвои и да го координира имплементирањето на претходните две стратегии за развој на радиодифузната сфера што беа подготвени од страната на тогашниот Совет за радиодифузија. Трајчевски укажа на потребата прецизно да се утврди кој треба да го усвојува овој стратегиски документ, а според него, тоа треба да биде Владата или Собранието.
На тврдењата дека се намалува рекламниот пазар, Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на ТВ 24 Вести, коментира дека поголем проблем е недоволниот квалитет на програма што ја испорачуваат домашните медиуми, поради што рекламерите се селат на странски канали, главно спортски, кои се емитуваат во Македонија, и на гледачите им нудат многу поатрактивна и поинтересна програма. Тој истакна дека има доволно простор на пазарот и за други телевизии, но треба да се понуди квалитет и да се либерализира пазарот.
За проблемите со кои што се соочуваат регионалните и локалните телевизии дискутираше Ирена Арнаудова, управител на ТВ М од Охрид која истакна дека државата и регулаторот треба да направат детална анализа на состојбата и условите во кои тие работат, а понуди и предлози како да се надминат предизвиците. „Сепак, за да се среди хаосот во медиумската сфера, тоа пред сè зависи од политичката волја“.
На настанот се зборуваше и за иницијативата на Асоцијацијата на печатени медиуми со која се бараат субвенции од Владата за поддршка на весниците. На оваа тема беше подготвена и анализа „Преглед на механизмите за субвенционирање на медиумите и новинарството во европските земји и македонското искуство“, што ја претстави авторот Мирче Јовановски, а Бранкица Петковиќ ги претстави и искуствата во регионот и во повеќе европски држави во кои постојат различни механизмите за доделување директни и индиректни субвенции на различни видови медиуми.
Во тој контекст, Лирим Дулови, сопственик на дневниот весник Коха и претседател на Асоцијацијата, информираше за барањата на Асоцијацијата: весниците да бидат субвенционирани за половина од трошоците што секој медиум ќе ги има за печатење, како и половина од трошоците за дистрибуција, што ќе се докажува со фактури; дополнителни 20 отсто средства за медиумите на помалите етнички заедници; претпријатијата каде што државата е акционер да издвојуваат еден дел од буџетот што ќе биде наменет за маркетинг во печатените медиуми и целосно ослободување од придонеси за социјално, пензиско и здравствено осигурување за нововработени во печатените медиуми во првите три години, а за постојните вработени ослободувањето да биде 50 отсто за период од три години.
За состојбата кај онлајн-медиумите зборуваше Марина Костова, уредник на порталот СДК.МК, која истакна дека од стотина портали, на „прсти се бројат “ оние што може да се наречат професионалните дигитални редакции. Таа смета дека можноста за комерцијално работење на сериозните портали е речиси никаква и информираше дека нивната редакција доминантно се финансира од грантови.
„Проблемот е што рекламните агенции не прават разлика меѓу портали кои крадат содржини и професионални дигитални редакции кои создаваат содржини, па откупуваат рекламен простор секаде“, го објаснува Костова проблемот со кој се соочува нивната редакција.
На крајот беше заклучено дека овој тип дискусии мора да продолжи, со цел изнаоѓање ефикасни решенија за подобрување на исклучително тешката финансиска состојба со која се соочуваат најголем дел од медиумите и дефинирање на стратешките цели и оперативни планови со цел развој на дејноста.
Конференцијата се организираше во рамки на проектот „ReForMediaMKD“, што во претходните две ипол години го спроведуваше МИМ, во партнерство со Мировниот институт од Словенија и со поддршка од Европската Унија.