Во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, на 15 август (четврток) со почеток во 19,30 часот , ќе биде отворена изложбата „Потрети и нивните луѓе“ на уметничката Александра Гедеон.
Како што информираат организаторите, оваа изложба на посетителите ќе им понуди нова перспектива за анализа на портрети преку која ќе можат да ги разберат карактерот и чувствата на портретираните лица.
„Изложбата ‘Потрети и нивните луѓе’ е циклус кој обединува серија од 80 минијатури што авторката ги создала во изминатите три години. Овие дела ја покажуваат нејзината креативна зрелост, трпеливост посветеност за постигнување на максимална експресивност во минијатурен формат“, додаваат оттаму.
Александра Гедеон е родена во Панчево, а во 2010 година дипломирала на Факултетот за применета уметност, отсек ѕидно сликарство, во Белград. Досег има реализирано повеќе групни изложби и учествувано на меѓународни ликовни колонии. Работи како кустос во Галеријата за современа уметност во Народниот музеј во Смедеревска Паланка.