Кога Шпанија го укина строгиот карантин од пандемијата кон средината на минатата година, жителите на Барселона видоа дека некои од нивните улици не се онакви како што се сеќаваа.
Консел де Сент, широка улица што поминува низ центарот на градот, загуби две од трите ленти за автомобили од проширениот тротоар сега обоен во жолта боја.
Градските власти првично ги опишаа како „привремени“, но, сепак, промените се уште важат една година подоцна, иако имаше противење од некои бизнис групи.
Планот е ваквите простори да се прошират низ 21 улица, однсно вкупно 33 километри да се претворат во „зелени“ пешачки зони.
Како што пишува Ројтерс, проектот илустрира како пандемијата влијаела на урбанистичкото планирање низ целиот свет, забрзувајќи ги промените, како што се повеќе патеки за велосипеди и помалку автомобили, во услови на зголемена загриженост за климатските промени.
Од март 2020 година, Барселона одзема околу осум хектари градски простор од моторни возила, претворајќи го во тротоари, игралишта, велосипедски патеки или тераси на ресторани, а властите тврдат дека на луѓето им треба повеќе простор за да избегнат КОВИД-19.
Заедно со Париз, кој исто така создаде повеќе велосипедски патеки, Барселона агресивно ја искористи пандемијата за да направи урбан ремонт.
Планот наиде на силна критика од Фомент дел Требол, регионално деловно лоби, кое вели дека може да чини 50.000 работни места, делумно затоа што го отежнува паркирањето на комбиња за испорака, додека продавниците може да загубат клиенти надвор од градот.
„Сметаме дека е прогон на приватните возило да се отстранат од градот, без да се понуди никаква алтернатива“, рече заменик-претседателот на групата, Мар Аларкон.
Сепак, главниот архитект на Барселона, Чави Матиља, рече дека градот добро се прилагодил на помалку автомобилски коловози, додека тој верува дека поголем простор за пешаци треба да ја зајакне локалната трговија.
Матиља нагласи дека здравствената криза покажала дека ако градовите не станат позелени, повеќе луѓе ќе си заминат, следејќи ги оние кои веќе се преселиле во руралните области со подобар квалитет на воздухот и повеќе отворени слободни простори во текот на минатата година.
„Пандемијата функционираше како лупа што не’ натера да видиме дека здравјето треба да биде еден од централните аспекти во управувањето и планирањето на градот“, рече тој, додавајќи дека Барселона разговара за иницијативите за урбана трансформација со Лондон и Париз.
Во Лондон, сепак, некои шеми за намалување на сообраќајот во пандемијата се соочија со правни предизвици или имаше обратен ефект.
Левичарската општинска влада во Барселона има за цел да трансформира една третина од сите улици во областа Еиксампл, позната по модернистичките згради, во таканаречена пешачка зелена оска до 2030 година, завршувајќи ги првите четири, меѓу кои и Консел де Сент, до 2023 година.