Вакцинирањето со вакцините „АстраЗенека“ против Ковид 19, привремено е запрено и во Ирска, по пријавување случај на појава на тромб, изјави ирскиот медицински шеф. Препораката на ирските здравствени власти доаѓа по ваквите извештаите за случаи со згрутчување на крвта кај пациенти по примањето на оваа вакцина на повеќе места во Европа.
Сериозно згрутчување на крвта е забележано по вакцинирањето во Норвешка, каде што е паузирана програмата за вакцини „АстраЗенека“. Данска и Исланд, исто така, го прекинаа вакцинирањето со оваа вакцина, сè додека не се спроведе истрага.
Европската агенција за лекови (ЕМА) веќе истражува бројни извештаи за згрутчување на крвта по вакцинацијата со вакцината „АстраЗенека“. Од компанијата за производство на вакцини пак велат дека анализата на нивните податоци, што опфаќа пријавени случаи од повеќе од 17 милиони дози администрирани вакцини, не покажала докази за зголемен ризик од белодробна емболија, длабока венска тромбоза или тромбоцитопенија по вакцинирањето.
„Всушност, пријавениот број на вакви настани за вакцината против Ковид-19 на „АстраЗенека“ не е поголем од бројот што би се случил природно кај невакцинираната популација“, велат од компанијата.
ЕМА објави дека на едно лице во Австрија му било дијагностицирано згрутчување на крвта и починало 10 дена по вакцинирањето, но истакна дека „во моментов нема индикации дека вакцинацијата ги предизвикала овие состојби“.
Италија ги следеше Австрија, Естонија, Летонија, Луксембург и Литванија во забраната на една серија од вакцината, која беше испратена во 17 земји, по извештаите за смртни случаи.
Друго лице беше примено во болница во Австрија со белодробна емболија (блокада на артериите во белите дробови) по вакцинирањето, додека еден смртен случај беше поврзан со тромб во Данска. Се смета дека 50-годишен маж починал во Италија од длабока венска тромбоза (ДВТ), додека има непотврдена пријава за уште една смрт во Италија.
Коментирајќи ја одлуката за пауза на вакцинирањето со вакцините„АстраЗенека“ во Данска и Норвешка, Стивен Еванс, професор на Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина, претходно оваа недела изјави дека ова е „супер-претпазлив пристап заснован на некои изолирани извештаи во Европа“ .
„Бидејќи знаеме со голема сигурност дека вакцината спречува Ковид 19 и придружните болести и скоро сме тотално несигурни дека вакцината може да хо предизвика овој проблем, билансот на ризик и придобивки сепак е во прилог на вакцина, според мене “, смета Еванс.