Повеќе милиони жени во Мексико денеска не отидоа на работа, на училиште и во владините служби, приклучувајќи се на вториот ден протести против насилството и мачо културата, јавува „Ројтерс“, а пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Целта на штрајкот, кој се одржува под слоганот „Ден без нас“ е да покаже каков би бил животот ако жените исчезнат од општеството. Ваквиот вид на протест следи по масовните демонстрации кои се случија на Меѓународниот ден на жената.
На северот на Мексико, во градот Сиудад Хуарез кој се наоѓа на границата со САД, фабриките се невообичаено тивки затоа што многу жени останаа дома.
На протестот се приклучија и домородните жени од југот на земјата, како и работничките од Министерството за надворешни работи. На видео-снимките објавени на интернет се гледаат празните столици на вработените во министерството и пораки со кои се предупредува на насилството врз жените.