Претставници на повеќе од 100 земји се обврзаа на мерки насочени кон заштита на океаните, вклучително и зајакнување на борбата против нелегалниот риболов, намалување на загадувањето со пластика и подобра заштита на меѓународните води, пренесува српски „Евроњуз“.
Францускиот претседател Емануел Макрон кој беше домаќин на сесијата на самитот „Еден океан“ во петокот, рече дека 2022 година е „одлучувачка година и дека овде во Брест треба да преземеме јасни и цврсти обврски“.
Американскиот пратеник за климатски прашања Џон Кери рече дека „океанот е она што го овозможува животот на Земјата и произведува повеќе од половина од кислородот што го дишеме“.
„Океанот и климата се нераскинливо поврзани. Тие се едно исто“, додаде тој.
Дваесет и седум земји од Европската Унија и 16 други се согласија да постигнат глобален договор до крајот на годината за регулирање на одржливото користење на отворените мориња.
„Толку сме блиску, но мораме да се заложиме договорот да биде потпишан во 2022 година. Се надеваме дека четвртиот и последниот круг преговори со Обединетите нации ќе постигнат договор во Њујорк во март“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на самитот.