Министерството за здравство во Газа информираше дека 178 луѓе биле убиени, а десетици се повредени во израелското бомбардирање на Појасот вчера откако војната меѓу Израел и Хамас продолжи по еднонеделното примирје.
Израел извршил напади на северот на Појасот, во Градот Газа и Џабаблија, Кан Јунес и Рафа на југот и Ал-Магази во централна Газа.
Новинарите на Агенцијата Франс Прес кои се на лице место велат дека израелските авионски бомбардирања и артилериски гранатирања врз Градот Газа започнале само минути по истекот на примирјето.
„Бевме дома и одеднаш се случи бомбардирањето. Мојата куќа и куќата на син ми беа уништени, како и домовите на нашите соседи“, вели Џамил Абу Дага во Болницата „Насер“ во Кан Јунес, кој споделил дека седум негови роднини биле повредени во нападот, пренесе Еуроњуз.
Примирјето кое заврши вчера овозможи размена на заложници и затвореници и обезбеди проток на хуманитарна помош за цивилното население во енклавата.
УНИЦЕФ утрово предупреди дека болниците во Газа се веќе преполни.
„Ова е војна против децата. Оваа болница едноставно не може да прими повеќе деца повредени во војната“, изјави портпаролот на УНИЦЕФ Џејмс Елдер во видеоснимка направена во болница во Газа.
Според него медицинската установа веќе работи со повеќе од 200% капацитет.
Израел и Хамас договорија примирје кое стапи на сила на 24 ноември. Примирјето беше договорено под посредство на САД, Катар и Египет. За време на прекинот на огнот, кој траеше една седмица, Хамас ослободи околу 80 заложници, додека Израел за возврат ослободи 240 палестински затвореници.
Речиси сите ослободени заложници од Хамас беа жени и деца, а најголемиот дел од ослободените од Израел беа млади палестински момчиња, уапсени за фрлање камења, или нарушување на јавниот ред.
Надвор од договорот за примирје беа ослободени и околу 20 странци, кои во моментот на нападите работеле во Израел.
Израелската војска проценува дека околу 240 луѓе биле земени како заложници во Газа за време на нападот од Хамас кој се случи на 7 октомври. Во ненадејниот напад беа убиени околу 1.200 луѓе во Израел, најголем дел од нив цивили. Како одговор на овој напад, Израел прогласи војна против Хамас и започна да го бомбардира појасот Газа, а на 27 октомври започна копнена офанзива која траеше до почетокот на примирјето.
Според палестински извори, во нападите биле убиени повеќе од 15.000 луѓе, меѓу нив и 6.150 деца и млади под 18 години.