Повеќе од 30 државни факултети во Србија се официјално во блокада

Повеќе од 30 државни факултети на четири универзитети во Србија официјално се под блокада. Студентите бараат објавување на целосна документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, како и откривање на одговорните за нападот врз студентите на ФДУ, пренесува Н1.

Кон блокадата вчера се приклучија и студентите од Економскиот факултет во Суботица на Универзитетот во Нови Сад и Факултетот за образование на наставници на Универзитетот во Белград.

Универзитетот во Белград соопшти дека силно ги поддржува студентите во првичните барања што ги поставуваат како самосвесни и академски граѓани, особено нагласувајќи ја подготвеноста на студентите да реагираат на настани од јавно и општествено значење.

Блокадите почнаа на крајот на ноември, по нападот врз студентите на ФДУ додека оддаваа почит во траење од 15 минути за 15-те жртви при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Блокадите на студентите добија поддршка и од професори, активисти и политички партии, но и граѓани кои им носеа храна и пијалоци.

За време на неодамнешната акција на Електротехничкиот факултет во Белград, студентите порачаа дека секојдневните блокади ќе престанат кога ќе се исполнат сите барања на студентите. Додаваат дека е можна радикализација на акциите.