Повеќе од 300 уапсени во Грузија на протестите кои траат веќе шест дена

Над 300 луѓе се приведени во Грузија откако пред шест ноќи избија протести поради одлуката на владејачката партија Грузиски сон да ги запре преговорите на земјата за пристапување во Европската Унија, јавува Евроњуз.

Широко распространетите фотографии на социјалните мрежи покажуваат повредени демонстранти на улиците и насилни судири меѓу демонстрантите и полицајците кои користат солзавец. На една фотографија е прикажана жена која држи грузиско знаме и е погодена од млаз од воден топ. Други фотографии покажуваат како демонстранти пукаат со пиротехнички средства кон зградата на парламентот во Тбилиси.

Премиерот Иракли Кобахидзе од владејачката партија ги обвини опозициските политичари за организирање на насилството и ги обвини за повредените демонстранти.

Меѓутоа, грузискиот јавен правобранител вчера го опиша насилството како тортура и бруталност, обвинувајќи ја полицијата за употреба на прекумерна сила против демонстрантите. Највисокиот претставни на ОН за човекови права Волкер Турк ја нарече употребата на сила против демонстрантите како „исклучително загрижувачка“.

Американскиот амбасадор во Грузија рече дека амбасадата била сведок на „полициско насилство“ и ја повика владејачката партија да ја преиспита својата одлука да не ги продолжи преговорите за пристап во ЕУ.

Во јавно обраќање вчера, Кобахидзе призна дека имало инциденти за време на првите два дена од протестите, но инсистираше на тоа дека ситуацијата е под контрола и дека „во следните денови се преземени соодветни мерки за да се спречи понатамошна ескалација“. Тој, исто така, го пофали одговорот на полицијата, велејќи дека биле исполнети „повисоки стандарди од оние што се гледаат во Европа и САД“.

Најавата на Грузиски сон дека ќе ги прекине разговорите за пристап во ЕУ на 28 ноември дојде неколку часа откако Европскиот парламент усвои резолуција за резултатот од изборите во октомври на кои партијата обезбеди парламентарно мнозинство, а со која се повикува на нови парламентарни избори во земјата.

Резултатот од изборите беше жестоко оспорен од опозициските групи во земјата и многу меѓународни набљудувачи, кои тврдат дека изборниот процес бил нефер и наместен со различни методи.