Околу 42.500 етнички Ерменци досега го напуштија регионот Нагорно-Карабах, што претставува третина од населението на енклавата која Азербејџан воено ја освои минатата недела, соопштија властите на Ерменија.
Стотици автомобили можеа да се видат како се движат по едниот единствен пат кој води кон Ерменија, пренесе Би-Би-Си.
Властите на Азербејџан велат дека жителите на регионот ќе бидат безбедни, но премиерот на Ерменија вели дека на таа територија веќе започнало етничко чистење.
Нагорно-Карабах, кој е признаен како дел од Азербејџан, последниве три децении е под власт на етнички Ерменци. Планинскиот регион во Јужен Кавказ има поддршка од Ерменија, но исто така и од Русија.
Најмалку 200 етнички Ерменци и десетици азербејџански војници беа убиени кога војската на Азербејџан влезе во регионот. Како дел од мировниот договор, сепаратистите од Нагорно-Карабах се сложија да го предадат нивното оружје.
Владата на Азербејџан вели дека етничките Ерменци ќе бидат рамноправни со сите останати, но досега војската не обезбеди доволно помош додека илјадниците луѓе го напуштаа регионот.
Во понеделникот, при голема експлозија на гориво загинаа 68 луѓе кои планирале да го напуштат Нагорно-Карабах, дополнителни 300 лица беа повредени, а 105 се водат за исчезнати. Се` уште не е познато што ја предизвикало експлозијата која се случи во близина на градот Канкенди, но се знае дека многумина од загинатите и повредените се обидувале да наполнат гориво за нивните автомобили.
Пред два дена американскиот државен секретар Ентони Блинкен го повика претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, да обезбеди безусловна заштита на слободата и движењето на цивилите, а повика и да нема пречки за пристапот на хуманитарните служби до Нагорно-Карабах.
Досега само една пратка на хуманитарна помош, составена од 70 тони храна, доби дозвола да пристигне до регионот по примирјето. Истовремено ерменските лидери велат дека илјадници жители се без храна, засолниште и спијат во подруми, училишта или на отворено.
Во вторникот претставници на Ерменија и Азербејџан остварија средба во Брисел под покровителство на Европската Унија. Тоа се први вакви дипломатски преговори помеѓу двете држави откако Азербејџан ја освои енклавата минатата недела.
Азербејџан истовремено започна посебни преговори со Ерменците од Карабах околу иднината на регионот.