Младински образовен форум отвора повик за 2 (двајца) практиканти во Радио МОФ, каде заедно со искусни новинари ќе работат на теми од интерес на младите.
Повикот е отворен за студенти по новинарство кои во моментов се на додипломски или постдипломски студии по новинарство и сродни науки (комуникации, медиуми, мултимедија), а го имаат избрано новинарството за своја идна професија.
Практикантите, под менторство на новинарите на Радио МОФ, ќе работат на текстови, видеа и поткасти од областа на високото образование, младинските и студентските политики и иницијативи, а ќе треба и да иницираат истражувања на теми за кои недоволно се зборува во медиумскиот простор. Низ текот на праксата, тие ќе научат како да препознаат вест, како да создадат новинарски текст и самостојно да креираат мултимедијален прилог на зададена тема. Истовремено, ќе добијат можност да учествуваат во креирање на содржините на Радио МОФ и да работат во професионална новинарска редакција.
Праксата ќе трае 2 (два) последователни месеци (април – јуни 2019) , по 4 (четири) часа дневно, секој работен ден. За двомесечната пракса е предвиден финансиски надомест.
За аплицирање на повикот потребно е да испратите кратка биографија (CV) и мотивациско писмо (не подолго од 1 страница) на мејлот info@radiomof.mk со назнака „За практикант во Радио МОФ“.
Краен рок за аплицирање е 21 април (недела) 2019 година. За сите информации во врска со повикот може да се обратите на info@radiomof.mk или по порака на профилите на Радио МОФ на Facebook (RadioMOF) и Instagram (radiomof).
Радио МОФ е алтернативен онлајн медиум кој преку продукција на независни и објективни програмски содржини, водени токму од млади автори, ќе се обиде да понуди квалитет, диверзитет и етичност во младинското информирање, со цел да се развијат дискусии кои ќе бидат од корист за младата генерација.
Нашата целна публика се сите млади луѓе и сите граѓани чиј интерес е да бидат информирани за статусот на младите во општеството и кои сакаат негово подобрување. Радио МОФ е програмска активност на Младински образовен форум.
Оваа активност е дел од проектот „Ангажирање на младите за студентски и младински политики“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.