Здружението Тииит! Инк. ги повика сите студент(к)и коишто се при крај со студиите во доменот на педагогија, просвета или генерално се насочуваат кон работа со млади да се пријават за едукатор(к)и кои ќе предаваат во училишта за важноста на 8 март.
Ова е втора година како здружението го нуди наставниот план прилагоден за средношколци, кој цели кон отворање на простор дискутирање на теми за еманципација на жените.
„Годинава темата на материјалите е филм и женските ликови во филмовите. Материјалот содржи два дела, од кои првиот дел има за цел да информира за присуството на жените во македонската кинематографија а вториот дел е активност и насочена дискусија којашто ќе ги запознае ученичките/ците со женските ликови на екраните и ќе ги поттикне да зборуваат на актуелни теми кои се дел од моменталниот феминистички филмски дискурс. Наставните материјали ќе им бидат дадени на одбраните едукатор(к)и предвреме за да потемелно се запознаат со содржината што ќе ја предаваат“, се вели во повикот.
Овој материјал е изготвен за сите професор(к)и и едукатор(к)и кои сметаат дека материјалот е адекватен или прилагодлив за нивната група на ученици, и сакаат да зборуваат за родовата нееднаквост и феминизмот со младите. Наставниците/чките можат да го менуваат и приспособуваат материјалот за да се совпадне во контекстот на нивната група, компетенциите и потребите на учениците/чките, како и начинот на кој ја извршуваат наставата.
Заинтересираните треба да се пријават на следниот ЛИНК.
„Откако/ако ќе бидат избрани, студент(к)ите ќе бидат поврзани со пријавените професор(к)и на чијшто час ќе ги предаваат материјалите. Наставната содржина ќе биде прилагодена во договор со професор(к)ите и потребите на одделението.Секој(а) едукатор(ка) ќе биде биде ангажиран(а) да одржи најмногу два часа, а сите потребни материјали и наставни помагала ќе бидат обезбедени од Тиииит!Инк. Предвидените часови ќе се одржат на 8 март или неделата помеѓу 7 и 11 март“, стои во повикот.
На него можат да се пријавуваат млади од сите градови, со тоа што ќе бидат избрани и назначени за одделение оние во чијшто град сме успеале да оствариме соработка со професор/ка, посочуваат од здружението.
Иницијативата е резултат од активноста на партнерските иницијативи од Словенија- Mesto Žensk (City of Women), кои го прават ова од 2016 и оттогаш активно соработуваат со учителките/ите и педагозите во рамките на оваа иницијатива.
Овде може да ги најдете минатогодишните материјалите кои вклучуваат копија со наставен план и копија со квизот за учениците/чките.
Спроведувањето на активноста е поддржано од фондација Kvinna till Kvinna.