Неформалното здружение за култура и образование „Дума ин сума“ објави повик за учество во работилница за креативно пишување на млади на возраст од 14 до 19 години, насловена како „Поетиката на периодиката“ која ќе се одржи на 17, 18, 19 и 24 јуни во Културниот центар „Јадро“, од 12 до 17 часот. Како што појаснуваат организаторите, на работилницата ќе се истражуваат нефикционални книжевни форми и минати, подзакриени реалности. Сите заинтересирани можат да се пријават преку пополнување на формуларот за учество.
„Весници, весници… Распустот е добро време да се влезе во филм, па ‘Дума ин Сума’ реши да влезе во еден од Александар Ѓурчинов. Колумни, интервјуа, репортажи, патописи, стрипови, вицови, ‘Драга Таа’… Летните распусти секогаш нѐ прават копнежливи по топлите пладниња во кои ги читавме новите броеви од списанијата и магазините што носеа новости и актуелности од светот, заедно со постери, квизови и бламажи“, велат од организацијата.
Оттаму додаваат дека на работилницата одблиску ќе се истражуваат нови, скриени светови полни со ретки и минати сериски публикации, периодики, разгледници, ракописи, фотографии, а ќе се листаат и магазини, списанија за интернет и гејминг, спорт, технологија, природа, астрономија, поп-култура, книжевна критика и уметност.
„Ќе се прошетаме низ поетиката на одделот за периодика во Градската библиотекa ‘Браќа Миладиновци’ во Скопје, а пријавените ќе добијат едногодишно членство во библиотеката бидејќи знаењето треба да е подеднакво достапно за сите“, истакнуваат организаторите.
Менторите Ивана Смилевска, Марија Бошковска и Дарко Алексовски нагласуваат дека пријавените на оваа работилница ќе се здобијат со вештини за креирање, уредување и објавување на свој авторски текст онлајн и во печатена форма, испробувајќи уредување на текст во WordPress, блог форма или во платформи кои се базираат на вештачка интелигенција (ВИ).
„Правилото на ова работилница е: ‘WordPress does not make me depressed’. По многу читање, пишување и патување, работилницата ќе биде заокружена со уредување на текстови /дигитално и аналогно/, кои потоа ќе може да се прочитаат во печатено списание од млади за млади, достапно и онлајн. Воедно, со оваа промоција ќе ја одбележиме и првата година активно споделување кирилица“, велат тие.
Оваа активност е поддржана од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на македонски јазик“ 2024.