„Да им помогнеме на нашите браќа и сестри (сограѓани) да ги расчистат своите живеалишта од штетите од поплавите! Една недела од поплавите кои предизвикаа ненадоместливи човечки жртви, но и големи штети на жителите од околината на Булачани, Илинден, Смилковци, Бутел, Ченто, Сингелиќ, Црешево, Стајковци, Инџиково, Арачиново и др. Сега е време ние да ја споделиме својата солидарност со нив, своето срце да го покажеме на терен, со труд!“
Масовна граѓанска акција за расчистување на поплавениот регион е најавена во сабота и недела (13 и 14 август). Се повикуваат сите што се во можност да излезат на терен и да им помогнат на засегнатите граѓани од поплавените региони.
Сите потребни информации може да се најдат во групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“ каде се споделуваат што се случува со ситуацијата на терен, каде е потребна помош, кој нуди помош.
Подготвена е и визуелна мапа каде може да се погледне каде е потребна помош.
Во документот ( https://docs.google.com/spreadsheets/d/1S_GxXK0Cuo6bVXEG-eGJXNgmmCPBq37EkaaY0Y4ARJk/edit ) има конкретни контакт информации со лицата на кои им е потребна помош.
За превоз до поплавените реони можат бесплатно да се користат автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие. Автобусите ќе поаѓаат во 9:00, 12:00 и 15:00 часот.