Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) oбјавува повик за 15 млади од општините: Велес, Битола, Гостивар, Охрид и Струга за изработка на медиумски производи на тема: конструктивни наративи, поттикнување на соработка, интеркултурен дијалог, разбирање и доверба.
Кандидатите за учество во програмата треба да ги исполнуваат следните услови:
- Да се млади на возраст од 18 до 29 години;
- Да покажуваат интерес и разбирање за темите;
- Да се во можност да учествуваат на четиридневна обука за градење вештини за подготовка на медиумски производи на почетокот на месец март (2-5 март 2024);
- Да се обврзат дека по завршената обука ќе можат активно да се вклучат во теренска работа во локалните заедници за изработка на медиумските производи, во тесна соработка со ментори кои ќе бидат определени од УНФПА во партнерство со Младински образовен форум (МОФ);
- Избраните учесници исто така се обврзуваат да земат активно учество во последователна средба, по комплетирање на медиумските производи.
„Главната цел на повикот е промоција на конструктивни наративи во јавноста од младите за младите кои ќе поттикнат мултиетничка соработка, инклузија и родова еднаквост. Областите на кои ќе треба да се фокусирани медиумските производи вклучуваат: врсничка едукација, идентитет и интеркултурен дијалог, младинско учество, младински активизам и обликување на перцепциите за стереотипи, предрасуди и дискриминација“, се вели во соопштението за повикот.
Избраните учесници ќе посетат четиридневна обука (Boot Camp) за да се стекнат со потребните вештини и алатки за изработка на медиумски производи/приказни. На обуката младите ќе учествуваат на сесии за основи на новинарството и развивање на приказна, новинарска фотографија, техники за видео и аудио снимање и едитирање на мултимедијални производи. Медиумските производи кои ќе бидат креирани од учесниците ќе опфатат различни формати (веб, видео, аудио, печатени). Сите медиумски содржини кои ќе бидат изработени од младите учесници ќе бидат објавени и на социјалните мрежи на МОФ и УНФПА. Апликантите треба да покажат дека имаат јасен концепт за посакуваниот исход од содржините што ќе ги развијат.
По завршување на обуката, учесниците ќе работат со ментор што ќе ги координира учесниците од една општина и ќе ги советува при изработка на медиумските производи. Во исто време, менторот ќе работи со избраните учесници на унапредување на квалитетот на медиумските производи согласно целите на проектот. Трошоците поврзани со спроведување на задачата ќе бидат соодветно надоместени по претходно одобрување и во согласност со политиката на организаторот.
Пријавувањето се врши со пополнување на следниот формулар. Краен рок за аплицирање е 20 февруари 2024. Избраните учесници ќе бидат известени најдоцна до 23 февруари 2024.
За дополнителни прашања, сите заинтересирани може да се обратат до Ивона Кузмановска на е-адресата: ivona_kuzmanovska@mof.org.mk.
Обуката се организира во рамки на регионалниот младински проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“.