Националната мрежа против насилство врз жени и семeјно насилство „Глас против насилство“ организира низа работилници наменети за новинари и студенти по новинарство кои покриваат различни теми од областа на семејното насилство и насилството врз жените.
Првата работилница „Иницијална работилница за запознавање со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство“ ќе се одржи во петок (29 јануари), во НВО Центар (МКЦ). Почетокот е најавен во 10 часот, а сите заинтересирани за учество треба да се пријават на тел. 078442006 или на е-маил: zurija@glasprotivnasilstvo.org.mk.
Оваа работилница е прва од циклусот на 9 работилници за различните форми на насилство врз жените. Работилниците се дел од активностите во рамки на проектот „Насилството врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени“ чија општа цел е унапредување на соработката на граѓанските организации и медиумите во насока на подигнување на свеста кај пошироката јавност за постоење на различни форми на насилство врз жени, како и заеднички настап во процесот на застапување за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство.
Проектот се работи во соработка со Здружение на новинари за човекови права со подршка од програмата Цивика мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, кој го спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ).