Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ објави повик за 30 невработени млади лица до 30 години за учество на онлајн обуки за кариерно за полесно прилагодување на пазарот на труд во услови на Ковид 19.
„Иако можностите за вработување во време на криза се ограничени, сепак постојат и треба да се најдат начини за прилагодување и активирање на младите. Обуките за кариерно насочување ќе им ги подобрат предиспозициите за полесно интегрирање на пазарот на труд, преку усовршување на нивните вештини околу
целокупниот процес на вработување, односно, од барање на работа до финален ангажман на работната позиција. Обуките ќе резултираат со млади луѓе со изградени вештини за успешно барање и наоѓање на работа, способни да се прилагодат на состојбата на пазарот на работна сила“, посочуваат од ЗМАИ.
На обуките ќе бидат обработени следните теми: Планирање на кариера и начини на барање на работа; Хакирање потенцијални работни позиции и усовршување на прелиминарните елементи за апликација;
Подготовка и учество на интервју за работа и неконвенционални начини за вработување (студија на случај ЗМАИ). Планирани се три обуки за пријавените, а поради настанатата ситуација со Ковид 19, обуките ќе бидат спроведени целосно онлајн, со помош на платформата ZOOM. Од таа причина, учесниците ќе треба да
располагаат со уред преку кој што успешно ќе можат да ги следат обуките.
За оваа онлајн обука ќе бидат избрани вкупно 30 учесници. Точните датуми за следење и времетраење на обуките, како и линковите за вклучување на обуките, ќе бидат испратени на учесниците по нивниот избор.
Обуките ќе се реализираат во месец ноември, на македонски јазик.
Учесниците на обуките треба да бидат млади, невработени лица до 30 години кои го изгубиле своето работно место поради кризата, доаѓаат од социјално ранливо семејство, имаат одредена попреченост и немаат услови за доусовршување и надоградување на своите знаења. Обуките ќе бидат водени од страна на проектниот тим на ЗМАИ, кој што се состои од веќе изградени професионалци со повеќегодишно искуство во сферата на делување.
Сите заинтересирани кандидати може да се пријават на следниот ЛИНК. Краен рок за пријавување е 25.10.2020 година (недела), до 17.00 часот. Контакт лице за дополнителни информации и прашања е Невена Спасовска, на емаил адреса contact@zmai.mk.