Проектот RISE го отвори четвртиот повик за поддршка на млади социјални претприемачи.
Здружението АРНО апелира до сите млади кои имаат идеја за бизнис кој прави добро за природата и заедниците, да аплицираат со своите тимови најдоцна до 05-ти октомври преку пополнување на пријава на овој линк.
„Тимовите кои ќе бидат избрани за учество имаат можност да добијат неповратни средства за развој на идеја за социјален и зелен бизнис (2500 евра), менторство, обуки и можност да посетат други социјални претпријатија од Западниот Балкан“, пишува во повикот.
RISE Форумот за социјално претприемништво кој се одржа минатата недела во Скопје во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), беше посетен од носители на одлуки, донатори, здруженија и социјални претпријатија кои работат во еко- системот. Во рамки на првиот ден се одржа и саем кој го организираше РИКО во соработка со Центарот за социјални претпријатија од Скопје.
„Младите треба да знаат дека токму сега е време за нови идеи, сите очи се вперени во оваа нова економија. Ние се повеќе ќе ги гледаме продуктите на социјалната економија, приказните кои прават промени. На европско ниво има многу извештаи, препораки, ама се отвора и многу простор за практичната димензија на оваа нова економија-ни требаат социјални претпријатија и инвестиции во нив. За младите, пораката е: осмислувајте бизнис модели и аплицирајте за да добиете поддршка, време е за промени“ вели Ирина
Јаневска од АРНО.
Во првите три изданија на RISE на регионално ниво поддржани се вкупно 365 млади и 130 идеи од Западниот Балкан, од кои денес дел прераснаа во функционални социјални бизниси, освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите.
Преку оваа програма млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија (Reality Escapers), воведоа нов концепт на градинка на отворено за прв пат во Македонија (во Штип) (Камп) и многу други успешни приказни.
Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија). Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија.