ЕРСТЕ Фондацијата ги повикува предавачите од државните универзитети во Централна и Југоисточна Европа, кои нудат студиски програми во областите историја на уметност, културни студии и сродните области, да се пријават за програмата PATTERNS предавања.
Оваа иницијатива го охрабрува развојот на универзитетски курсеви во областите историја на уметност, теорија на култура и културни студии, кои имаат за цел истражување и разбирање на поновата културна историја на Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Од Ерсте Фондацијата велат дека се посебно заинтересирани за курсевите:
– кои се неодамна развиени и не биле организирани претходно;
– кои се однесуваат аналитички кон периодот кој почнува од 1960-те и трае до денес, вклулчувајќи ја годината на транзиција, 1989;
– кои се занимаваат со феномените на културата од 1989 година до денес, вклучувајќи ги аспектите на популарните, маргиналните и контракултурите;
– кои ја истражуваат интердисциплинарната и крос-културната историја на Централна и Југоисточна Европа;
– кои вклучуваат критичка методологија, иновативни и интерактивни наставни практики.
Исто така, програмата охрабрува меѓународна економска размена, овозможувајќи им на предавачите меѓународни студиски посети и одржување гостувачки предавања.
Предлозите за курсеви на надворешните предавачи мора да бидат интегрирани во рамките на државните високообразовни институции. Курсевите треба да бидат одржани во академската 2014/2015 година.
Повикот за пријавување е отворен до 23 февруари 2014 година. Сите документи потребни за пријавување, вклучувајќи упатства, се достапни за преземање на следниот линк. За сите дополнителни прашања, заинтересираните може да се обратат на e-mail адреста patterns@wus-austria.org.
Програмата PATTERNS предавања ја покрена ЕРСТЕ Фондацијата, а ја спроведува Светската универзитетска служба на Австрија.