Најстарата организирана рок-манифестација во Македонија, низ којашто поминале над илјада рок-групи од земјава, по 30 години постоење, повторно ќе се одржи на 17 и 18 декември во Младинскиот културен центар-МКЦ.
Фестивалот објави повик за сите заинтересирани групи кои можат да се пријават на е-мејлот rockfest.mk@gmail.com.
Фестивалот датира од 1981 година, како „Македонски рок фестивал“, односно „Рок Фест“, за подоцна во 1991 година да го промени името во „Поп Рок Фест“. Конечно во 1999 година, повторно да се врати на своето изворно име „Рок Фест“.
Оваа манифестација служела како отскочна штица за многу групи значајни за македонската музичка продукција. Меѓу нив се и „Автограм“, „Мизар“, „Цилиндер“, „Сарацени“, „Бадмингтонс“, Архангел, „Ласт Експедишн“, „Санаториум“, „Зијан“, „Ареа“ и многу други.
Покровител на 30 годишниот јубилеј на манифестацијата “Рок Фест”, е Министерството за култура на Република Македонија.