Младински образовен форум (МОФ) отвoра повик за членови на студентските дебатни клубови кои ќе се формираат на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Филозофскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Обуките се бесплатни и отворени за студенти од сите факултети. Клубовите го следат British Parliamentary (BP) дебатниот формат кој претставува формат на студентска дебата. Обуката ќе трае во текот на летниот семестар на учебната 2023/2024 година, а по предавањата сите студенти ќе имаат можност да учествуваат на Национален студентски дебатен турнир“, се вели во повикот.
Сите заинтересирани може да се пријават со пополнување на формуларот достапен на овој линк.
Од МОФ велат дека сите пријавени ќе бидат контактирани телефонски за повеќе информации околу програмата и започнувањето на предавањата.
Рокот за пријавување е 15 февруари 2024 година.