Во рамки на проектот Arts Hub, КСП Центар- Јадро организира работилница за партиципативна уметничка пракса во текот на месец мај под менторство на визуелната уметница Кристина Божурска.
На работилницата е предвидено да се разговара и работи во насока на разбирање на општествено ангажираната практика како медиум за создавање на уметничко дело; ќе се анализираат и дискутираат тактики и пристапи кои уметниците ги користат во обликувањето на своите партиципативни и ангажирани дела; ќе се разговара за спојување на дисциплини и креирање практики кои директно интервенираат во заедницата и создаваат простор за преиспитување и дискусија и работилницата ќе се фокусира на разработката на идеите на учесниците како и можноста за нивна реализација во јавен простор.
„Улогата на уметноста при воведување на политичките и социјалните прашања во јавната сфера е сѐ поголема. Денес, уметничките практики се служат со широк спектар на средства, елементи и стратегии кои промовираат зголемена критичката свест и позитивна социјална трансформација. Функцијата на самата уметност во општествениот контекст е да понуди излез од зоната на удобност. Преку оваа работилница наша цел е да се поттикне уметничкото творештво кое излегува од традиционалната рамка на дејствување и зема активно учество во креирањето на конструктивни општествени промени“, велат од Центар-Јадро.
За кого е наменета работилницата?
- Работилницата е наменета за сите мотивирани, млади локални визуелни уметници кои сакаат да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност но и за сите оние кои би сакале да реализираат партиципативно уметничко дело.
- Работилницата е наменета за сите кои сакаат да научат како да ја аплицираат својата уметност надвор од музеите и галериите
- Работилницата е наменета за учесници од 18 до 35 години.
- За учество во работилницата е добредојдено претходно искуство и вештини од областа на визуелната уметност или партиципативна уметничка пракса.
Работилницата ќе се одржува во просторот на Центар-Јадро во текот на мај во неколку термини во петок и сабота, а повикот е отворен до 30 април. Повеќе информации и пријавата за учество може да најдете на следниов ЛИНК.
Повеќе за ментороката: Кристина Божурска:
Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрирала на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи различни техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст, преку кој изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми.Честопати тргнува од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус. Имала самостојни изложби во галерија Уна во Бјаред, Шведска; Мала Станица, МКЦ и СИА Галерија, Скопје, Прима галерија Берлин и Куманово и учествува на бројни групни изложби и видео-фестивали во земјата и надвор. Во 2011 година остварила студиски престој во ISCP New York, a во 2013 добива стипендија за учество во работилницата Arte Utile на Тања Бругера, на Летната Уметничка Академија во Салзбург. Има освоено неколку награди: Најдобрo видео во категоријата " Нано минута" на Меѓународниот видео фестивал во Бразил (2008); (YVAA) " Денес", наградата за млад уметник за 2010 година и во 2019 година ја добива BuzArt наградата на уметничката резиденција “Togetherness” во Тирана, доделена од Швајцарската фондација за култура во Албанија и галерија Кало. Предава ликовна уметност во интернационалното училиште QSI, Скопје.