Каква е состојбата со водите во источниот дел од Македонија ќе можат да прикажат средношколците кои живеат во овој дел од земјата преку училишниот натпревар „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“, што го објавија граѓанската организација Еко логик (Eco Logic) во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“.
Според најновиот извештај објавен од Институтот за светски ресурси, под исклучително висок ризик да останат без вода или со малку вода во 2040 година се наоѓаат 33 држави во светот, меѓу кои и Македонија. Сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени, а недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. Очекувањето е дека сливот на Брегалница ќе претрпи
најголемо влијание од промените на климата и проектираните загуби на вода ќе бидат 24 проценти до 2100 година.
Целта на овој повик е средношколците од општините кои ги опфаќа Брегалничкиот слив да ги изразат нивните размислувања и да понудат креативни решенија за состојбата на водите во местото каде што живеат.
Право на учество имаат средношколци кои живеат во општините Штип, Кочани, Свети Николе, Пробиштип, Виница, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Чешиново- Облешево, Зрновци, Карбинци, Лозово и Конче.
При изборот на најдобрите решенија, ќе се оценува иновативната идеја, начинот на нејзиното прикажување, визуелното доловување на актуелната состојба на водата и водните ресурси, како и индивидуалниот ангажман на ученикот да придонесе за својата средина во која живее.
Рокот за пријавување е до 12 април 2021 година, а повеќе информации за повикот се достапни тука.
Со објавувањето на повикот, се одбележува Cветскиот ден на водата – 22 март за да се фокусира вниманието на средношколците за важноста за одржливо управување на водата.
Со доделувањето на наградите од средношколскиот натпревар, пак, ќе биде одбележан Денот на планетата Земја – 22 април, со посета на Едукативниот центар за зачувување на природата Негрево.