Повик за стипендии за постдипломски студии за земјоделството во Унгарија

Програмата за стипендии на ФАО и спонзорирана од Унгарија доделува двегодишна стипендија, која опфаќа финансирање постдипломски студии во дисциплини од областа на земјоделството за студенти од земјите во развој и земјите со среден приход.

Оние кои ќе бидат примени во програмата ќе посетуваат студии од областите сточарство, земјоделското водостопанство или инженерство во областа на животна средина, или на Универзитетот во Дебрецен или на Универзитетот Сент Иштван – две реномирани високообразовни унгарски институции.

Стипендијата опфаќа трошоци за аплицирање и школарина, основни книги, сместување во домови, трошоци за дневен надомест и здравствено осигурување. Краен рок за поднесување на пријавите е 28 февруари 2018 година, за академската година почнувајќи од есента 2018 година.

Овие стипендии се доделуваат десетта година по ред, а опфатени биле околу 300 студенти кои по враќањето во нивните матични земји имаат подобри шанси на пазарот на труд. Тие исто така имаат пристап до глобална професионална мрежа од нивните колеги научници и нивните професори.

Државјаните на следните земји, кои живеат во истите, имаат право да аплицираат за програмата:
Белорусија, Буркина Фасо, Чад, Египет, Етиопија, Гамбија, Грузија, Гана, Јордан, Казахстан, Кенија, Косово, Киргистан, Лаос, Либан, Македонија, Мадагаскар, Мали, Мјанмар, Молдавија, Монголија, Црна Гора, Намибија, Нигерија, Северна Кореја, Палестина, Филипини, Србија, Сомалија, Судан, Таџикистан, Уганда, Украина, Узбекистан, Виетнам и Јемен.