Коалицијата на младински организации СЕГА, во соработка со волонтерите на Мировниот Корпус во Македонија ја спроведува програмата Македонски Модел на Обединети Нации (ММОН) со поддршка од Амбасадата на САД во Македонија.
Оваа програма има за цел да се зајакнат капацитетите на младите луѓе од Македонија за застапување, лобирање, дипломатија, решавање на конфликти, јавно говорење и пишување.
Досега беа организирани две национални Конференции на Моделот на Обединети Нации во Македонија (2012 и 2013 година) а во моментов започнуваат подготовки за следната ММОН 2014 Конференција. Со цел пошироко вклучување на младинските организации од Р. Македонија во оваа програма СЕГА објавува повик за тим лидери.
Главни одговорности кои ќе ги имаат тим лидерите: Учество на Обука за тим лидери; Воспоставување на тим од 7 – 12 млади луѓе кои активно ќе се вклучат во програмата; Организирање на редовни состаноци со тимот; Комуникација со СЕГА и одговорниот волонтер на мировниот корпус; Учество на регионални обуки; Подготовка на тимот за ММОН 2014 Конференција.
Заинтересираните кандидати за тим лидери треба да ги исполнуваат следните критериуми: Одлично познавање и употреба на англискиот јазик (говор и пишување); Одлични комуникациски вештини; Чувство на одговорност во извршувањето на поставените задачи; Способност за работа во тим и Лидерски вештини и способности.
Селектираните кандидати кои ги исполнуваат условите ќе учествуваат на Обука за тим лидери која ќе се одржи во период од 22 – 24 ноември 2013 година. Апликациите се испраќаат на aplikacija@sega.org.mk.