Од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија информираа дека е отворен повикот за учесници на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование.
Школата за политики ќе се одржува во периодот од март до ноември оваа година, а на повикот можат да се пријават млади лица на возраст од 21 до 35 години. Школата ќе се одржува за време на викендите, присуството на сите пет едукативни семинари е задолжително, а учесниците кои ќе ја завршат Школата ќе се стекнат со сертификат.
„Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование ќе биде организирана во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста. Во таа насока, Школата ќе настојува да ги поврзе учесниците со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството, во рамки на пет едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство“, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Повеќе информации за Школата за политики и потребните документи за пријавување може да ги најдете на следниов ЛИНК.