Форум-Цeнтар за стратегиски истражувања и документација (Форум–ЦСИД) објавува повик за петтата група учесници кои ќе посетуваат три модули обуки во текот на 2014 година во рамки на Школата за активно граѓанство за млади, за претставници на граѓански организации и неформални групи.
Школата има за цел да им обезбеди неопходно знаење и вештини на учесниците за реализирање граѓански иницијативи. Првиот модул кој има за цел да ги запознае учесниците со основните поими и алатки потребни за активно граѓанско учество ќе се одржи во февруари. Вториот модул кој ќе биде насочен кон усвојување и развивање практични алатки поврзани со односи со јавноста, комуникација со медиумите и говорнички вештини е планиран за месец април, додека третиот во јуни, на кој пак учесниците ќе имаат прилика да ги споделат стекнатите искуства со сите досегашни учесници во Школата за активно граѓанство.
Критериумите што треба да ги исполнуваат кандидатите се старосна граница од 18-35 години и активно членство во граѓанска организација или неформална група. При селекцијата на кандидатите предвид ќе биде земен етничкиот и родовиот баланс на групата.
Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија (CV) заедно со писмо за мотивација до координаторката на проектот во Форум-ЦСИД, Соња Исмаил, на е-маил: sonja@forum-csrd.org.mk.
Рокот за пријавување е 31 јануари 2014 година.