Феминистичката платформа „Медуза“ отвори повик учество во феминистичката школа „ФЕМ 101“ што годинава ќе се одржи по трет пат.
Школата, информираат организаторите, има за цел да ги подготви учесничките и учесниците за успешно читање на феминистички наративи, аргументирано пишување и застапување преку креативен израз.
„Школата ‘ФЕМ 101’ освен што ќе ве запознае со клучни концепти од областа на феминизмот и родовите студии и ќе ви помогне во себе-изразувањето, истовремено служи и како креативна и пријателска платформа за здружување, споделување и дружење. Веруваме дека негувањето на ваков вид на релации се од исклучителна важност денес, со константниот пораст на реторика и политики кои ги загрозуваат нашите права и слободи, за кои мора здружено, аргументирано и подготвено да се бориме. Познавањето на феминистичката историја, стратегии на отпор и методи на креативен феминистички израз можат да нè зајакнат во борбата против родовата нееднаквост, да ни помогнат во критичкото преиспитување на односите на моќ, родовите релации и нашите сопствени позиции“, се вели во описот за работилницата.
Школата ќе се одвива во рамки на 5 предавања и 5 работилници во период од два месеца, почнувајќи од 24 април 2023 година. Предавањата и работилниците ќе бидат во времетраење од максимум три часа, и се планирани да се одржуваат по работно време и за време на викенд во социо-културниот центар „Комитет“.
„Обуките ќе ги водат теоретичарки, професорки, феминистки со обемно искуство и знаење во полињата во фокус на школата, а за времетраењето на школата, учесничките/ците ќе имаат можност за практична работа, како и вклучување во тимот на Медуза преку креација и објавување на содржини и по завршување на школата“, информираат од платформата.
За учество е потребно, се наведува во соопштението за работилницата, е потребно да ве интересира феминизам и родова еднаквост, да имате мотивација да пишувате текстови во дадената област, иако претходно искуство не е неопходно и да бидете во можност да ги посетувате сите 10 обуки.
Рокот за пријавување трае до 12 април 2023 година. Заинтересираните треба да мејлот info@meduza.mk да ја испратат нивната куса биографија и краток опис за тоа зошто сакаат да земат учество во работилницата со назнака „Апликација за Фем 101“.
Школата е во организација на „Медуза“, а дел од содржините се во соработка со „Тииит!Инк“.