Повик за учество на Летната школа за зависности на ХОПС

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје по петти пат организира „Летна школа за зависности од дроги”. Оваа седумдневна летна школа ќе понуди мултидисциплинарен пристап за учење за зависноста од дроги, пристап кој ќе ги земе во предвид социјалните, медицинските, но и политичките прашања.

Целта на летната школа, која се отвора на 24 јуни 2016 година, е да ги едуцира младите стручни кадри за работа на полето на зависноста од дроги. Школата посебно ќе се фокусира на моделите на политика за дроги, третманите базирани на докази, намалување на штети, психосоцијална подршка и концептот на човекови права на лица кои употребуваат дроги.

На школата може да учествуваат дипломирани или студенти од завршните години на студии од: областа студии за социјална работа и социјална политика; правни студии; медицински студии; студии за безбедност, полиција и детективи; психологија. Школата е отворена и за постдипломци од наведените области, како и за млади стручни работници кои веќе работат на полето на зависностите

Пријавените кандидати треба да бидат помлади од 35 години. Предавачите ќе бидат искусни практичари, психијатри, доктори, социјални работници и професори од Македонија: прим. Д-р Славица Гајдаѕис Кнежевиќ, м-р Вања Димитриевски, м-р Наташа Бошкова, д-р Христијан Јанкулоски, д-р Дарко Костовски, д-р Катерина Спасовска, Влатко Деков, Аница Димовска, Деспина Стојановска.

Школата ќе се одржи во хотелот Белведере, на брегот на Охридското езеро.

Програма (теми кои ќе бидат опфатени):

– Координиран одговор во едукацијата на млади кадри во однос на зависностите и ХИВ/СИДА
– Глобална состојба со дроги во светот и Македонија
– Дефинирање на проблемот, употреба, зависност од дроги, видови дроги
– Третман на лица зависни од дроги
– Намалување на штети од употреба на дроги
– Психосоцијални сервиси за лица кои употребуваат дроги
– Проблемот со дрогите во затворскиот систем
– Родови аспекти во развивањето на програмите за работа со лица кои употребуваат дроги
– Корисници на дроги и човекови права
– Општествени истражувања за дроги, потреби, методологија, пракса
– ХИВ/СИДА, предрасуди и ДСТ сервиси
– Посета на Центарот за превенција и лекување на зависности во Охрид
– Посета на програмата за намалување на штети во Охрид

Сертификат за учество на летна школа и стекнати знаења ќе добијат сите учесници. Сите заинтересирани треба да испратат мотивациско писмо и кратка биографија (CV) на е-маил: anicad@hops.org.mk , најдоцна до 15 мај 2016 година.

Сите трошоци за летната школа се обезбедени од организаторот. Само избраните кандидати ќе бидат известени за исходот, по електронски пат најдоцна до 31 мај 2016 година.